УЈП казни 114 даночни обврзници кои основните производи ги продавале со 5 % ДДВ

илустрација

Од 611 контроли на територијата на цела држава Управата за јавни приходи констатирала неправилности во спроведувањето на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти, кај 114 даночни обврзници. Во контролите биле опфатени даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска информираше дека и покрај укажувањата имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, месото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.

„Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдија кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. Утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалоци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници. Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа неиздавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност. Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето“, изјави Лукаревска.

Со контролите, кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна и млечни и месни производи во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдено, потенцира директорката на УЈП, неусогласеност на даночната стапка за месо и други производи.

Владата донесе одлука со која ги ограничи трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Највисоката трговска маржа ќе може да изнесува до 5 отсто од продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало.

Овие ограничувања се однесуваат на лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, сончогледово масло, млекото, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.