Поставена првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан на Табановце

Отворена Зелена лента за Отворен Балкан на граничниот премин Табановце

На граничниот премин Табановце, на влез во Северна Македонија Царинската управа ја постави првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан. Од Владата информираат дека ова е еден од првите проекти на иницијативата кои же овозможат побрз проток на стоки, услуги, луѓе и капитал.

„Најважната придобивка од Зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за Овластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли“, информира владината прес-служба.

Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз.

Од Владата најавуваат дека следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во Северна Македонија, а потоа тоа ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од нашата држава во тие две држави.

„Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата роба“, истакнуваат од Владата.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција.