Пендаровски- Затворениците кои добија помилување ги исполнуваат условите

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Помилувањето на членот на собраниското обезбедување Абдуљфета Алими кој беше осуден за настаните од 27 април е направено поради исполнети услови за делумно ослободување од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор во траење од осум месеци се вели денеска во објаснувањето од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по реакциите во јавноста.

Чавков доби 18 години, Дурловски ослободен за крвавиот четврток

Алими беше правосилно осуден на 6 години затвор за настаните од 27 април 2017 година затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски по што демонстрантите насилно упаднаа во Парламентот. Пратеникот и лидер на Алијанса на Албанците Зијадин Села по настанатите од таканречениот четврток Зијадин Села тврдеше дека Алими му го спасил животот.

Пендаровски: Може да ги прифатам или одбијам помилувањата

Во одлуката која што е објавена во „Службен весник“ е наведено дека покрај Алими се помилувани уште четири други лица. Потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор лицето Александар Петровски, а делумно се ослободуваат од издржување казна затвор уште лицата Неџмедин Матоши (4 месеци) Димитар Мишков (3 месеци) и Џафер Небија (5 месеци).

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за селективно помилување на затвореници. Наместо селективна правда Пендаровски одлуката за помилувања да ја прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков одговарајќи на новинарско прашање во врска вчерашната листа на помилувања на Пендаровски и затворените за настаните од 27 април. Лефков истакна дека треба да има неселективност во правдата и одлучувањата.

„Очекуваме неселективност во одлучувањето на Пендаровски, очекуваме неселективност во правдата. И наместо селективна правда по примерот на ваквата одлука таа да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор“, изјави Лефков.

Во соопштението кое денеска го објави Кабинетот на Претседателот е наведено дека лицето Александар Петровски е помилуван, односно потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор, бидејќи станува збор за граѓанин со тешка и животнозагрозувачка здравствена состојба. Од кабинетот на Пендаровски велат дека не станува збор за повратник од странски боишта. Во објаснувањето е наведено дека помилувањата како институт се еден од основните уставни надлежности на претседателот.

„Основните предуслови за едно лице да биде помилувано, се во насока на добро поведение, да покажал каење за стореното дело, да почне со отслужување на казната, да не станува збор за повторник или лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина. Потенцираме дека за одредени кривични дела не е возможно да се бара помилување. Секој случај се разгледува поединечно. Во однос на предметите опфатени со последната одлука за помилување на осудени лица, Комисијата за помилување даде позитивен предлог“, појаснуваат од кабинетот на Пендаровски.

Помилувањето, велат од Кабинетот, е институт кој има корективна функција.

„Претседателот Пендаровски, во текот на неговиот мандат потполни помилувања има дадено само во ситуации кога граѓаните кои ги бараат се во животнозагрозувачка здравствена состојба. Потенцираме дека, претседателот Пендаровски најчесто дава делумни помилувања односно 3 – 8 месеци, и тоа во случаи кога граѓаните кои бараат помилување имаат за отслужување уште неколку години од казната, и кога во нивните случаи биле исполнети горенаведените предуслови“, информираат од кабинетот на Пендаровски.

Дејствата кои ги предизвикува помилувањето се овозможување и забрзување на ресоцијализацијата на осудените лица а со тоа и остварувањето на целите на казнувањето и извршувањето на казната.