Приврзаници на ГЕРБ на мирен протест пред владата поради апсењето на Борисов

Протест за поддршка на Борисов во Софија

Пред зградата на бугарската Влада денеска се одржа мирен протест за одбрана на лидерот на најголемата опозициска партија во земјата-ГЕРБ, Бојко Борисов.

На приврзаниците на ГЕРБ им се придружија и пратениците од пратеничката група на оваа партија, кои побараа предвремени избори во Бугарија, оставка на владата, но главното барање им е итно ослободување на поранешниот премиер Бојко Борисов од притвор.

Локалните медиуми забележаа дека ова е прв протест на партијата откако е во опозиција.

Сообраќајот во реонот на бугарската Влада беше блокиран, а имаше зголемено полициско обезбедување.

Претпладне протестот се пресели пред зградата на МВР.

Лидерот на ГЕРБ и долгогодишен бугарски премиер Бојко Борисов вчеравечер беше приведен на 24 часа, заедно со поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и владината пиар соработничка, Севдалина Арнаудова, поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Борисов ноќта ја мина во Генералниот директорат на Националната полиција на Бугарија, а денеска треба да биде сослушан.