Талибанците ќе им дозволат на девојчињата ширум Авганистан да се вратат на часови кога ќе се отворат средните училишта следната недела, изјави Азиз Ахмад Рајан, портпарол на Министерството за образование.
Изјавата доаѓа по неколкумесечната неизвесност за тоа дали групата ќе дозволи целосен пристап до образование за девојчињата и жените.
„Сите училишта ќе бидат отворени за сите момчиња и девојчиња“, изјави портпаролот за Ројтерс додавајќи дека ученичките ќе учат одделно од момчињата и ќе им предаваат само професорки.
Во некои рурални области каде има недостиг од професорки, тој рече дека на постарите машки учители ќе им биде дозволено да предаваат на девојчиња.
Да им се дозволи на девојките и жените да се вратат во училиштата и колеџите е едно од клучните барања што меѓународната заедница ги постави на тврдокорното исламистичко движење кое во август минатата година ја собори владата поддржана од Западот.
Повеќето земји досега одбиваа формално да ги признаат талибанците, поради загриженоста за нивниот третман кон девојчињата и жените и наводите за кршење на човековите права против поранешни војници и службеници од претходната администрација.
Талибанците ветија дека ќе ги истражат наводните злоупотреби и нема да се одмаздуваат на нивните поранешни непријатели.
Последен пат кога групата владееше со Авганистан, од 1996 до 2001 година, го забрани образованието на жените и голем дел од нивното вработување. Откако ја презедоа власта, момчињата и мажите се вратија во школо во многу поголем број од девојчињата и жените.
Талибанците се обидуваат да ја водат земјата според нивното толкување на исламскиот закон, а во исто време да имаат пристап до милијарди долари за развојна помош што им е очајно потребна за да се спречи распространетата сиромаштија и глад.
Санкциите против некои водечки членови на групата ја искомплицираа ситуацијата.