Ташкент не ги признава сепаратистичките „републики“ во Украина

Министерот за надворешни работи на Узбекистан Абдулазиз Комилов

Официјален Узбекистан вели дека не ги признава областите под контрола на проруските сепаратисти во Украина, односно Доњецка Народна Република и Народна Република Луганск и повика на „мирно решение“ за да се стави крај на неиспровоцираниот напад на Русија против Украина.

Говорејќи пред узбекистанските пратеници на 17 март, министерот за надворешни работи Абдулазиз Комилов ги повика двете страни да го решат конфликтот „со дипломатски средства“.

„Прво, воените акции и насилството мора веднаш да престанат. Република Узбекистан ја признава независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме републиките Луганск и Доњецк“, рече Комилов, додавајќи дека неговата земја има историски врски и со Украина и со Русија.

„Имајќи ги предвид своите национални интереси, Узбекистан ќе ја продолжи меѓусебната соработка со двете земји“, рече Комилов.

Узбекистан е втората земја во Централна Азија - регион често сојузник со Русија - што ги прекина блиските врски со Москва поради нејзиниот неиспровоциран напад врз Украина.

Претходно во март, Казахстан го одби барањето на Москва да обезбеди војници за офанзивата во Украина и исто така изјави дека не ги признава сепаратистичките „републики“ во Украина поддржани од Русија.
Комилов, исто така, рече дека узбекистанската влада работи на начини да спречи какво било можно влијание на меѓународните санкции наметнати на Русија во последните денови врз узбекистанската економија.

Соединетите Американски Држави, Канада, Велика Британија, земјите-членки на Европската унија и некои други земји и воведоа неколку рунди санкции кон Москва откако започна инвазијата на Украина на 24 февруари.