Владата ќе одвои 120 милиони денари за хотелско сместување бегалци од Украина

Украински бегалци ја минуваат границата со Полска, 9 март, 2022 година

Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) за организирање и обезбедување хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина, кои како бегалци од војната евентуално би пристигнале во нашата земја.

„Овие средства ќе бидат префрлени на Службата за општи и заеднички работи, која е задолжена за реализација на овие активности“, се наведува во владиното соопштение по денешната 30-та седница.

Руската инвазија врз Украина која започна на 24 февруари од земјата истреа над 3 милиони лица. Најголемиот дел од нив се пребегани во соседните земји при што најголемиот товар го понесе Полска која досега има примено скоро 2 милиони украински бегалци.

Според податоците од Црвениот крст, заклучно со вторник, во нашата држава биле регистрирани 51 граѓанин од Украина. Тие се главно сместени кај роднини и пријатели. Двајца од нив, како што потврдија од Црвениот крст за Радио Слободна Европа, веќе побарале статус на бегаци.