Собрание: Нови членови на Комисијата за избори и именувања, усвоени и покачувања на пензиите

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието денеска ја избра пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ и Коалицијата за претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а за член на Комисијата беше избран и Дарко Каевски од СДСМ и Хусни Исмаили од Алтернатива за заменик член, како и Елми Азири од Алијанса за Албанците. Вечерва беа изгласани и други закони, меѓу кои и измени за зголемување на пензиите.

Работата во оваа Комисија беше закочена по промената на владејачкиот состав на пратеници со локалните избори од минатата година и реконструкцијата на Владата. Претходно во Комисијата имаше мнозинство од 7 пратеници, но потоа остана без претседател и мнозинство имаше опозицијата.

Поради ваквата ситуација настана пречка поради која со месеци беше блокиран изборот на нови судии во Уставниот суд.

До тоа дојде откако претходниот претседател на комисијата Костадин Костадинов на локалните избори доби градоначалнички мандат, а пратениците на БЕСА кои имаат еден член во Комисијата го напуштија владејачкото мнозинство и преминаа во опозиција.

Собранието вечерва изгласа и други закони, меѓу кои и за зголемување на пензиите. Изгласани беа Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлог-законот за изменување на Законот за Собранието.

Со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување беше усогласено движењето на индексот на трошоците на живот во висина од 50 проценти, но и пораст на просечната плата од 50 отсто, а дополнително, како дел од антикризните мерки секој пензионер три месеци по ред ќе добива и по 1000 денари.

Претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски изјави дека со новата методологија се добило решение со кое усогласувањето на пензиите треба да се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и според порастот на просечната плата на сите вработени во државата во висина од 50 отсто.

„Според ова, пензиите понатаму ќе се усогласуваат на 1 март и 1 септември, секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие“, изјави Николовски.