Папата Франциск и рускиот патријарх Кирил разговараа за ситуацијата во Украина

Бегалци од Украина

Патријархот на Руската православна црква и папата Франциск денеска разговараа за конфликтот во Украина и повикаа на продолжување на преговорите за да се постигне „праведен мир“.

Двете страни го истакнаа суштинското значење за продолжување на преговорите и изразија надеж за постигнување праведен мир што е можно поскоро, се вели во денешното соопштение на Патријаршијата.

Во соопштението се додава дека двајцата црковни поглавари разговарале и како да се справат со хуманитарната криза во Украина.

75-годишниот поглавар на Руската православна црква е клучен столб на претседателот Владимир Путин и ги поддржува авторитарните тенденции на Кремљ, осудувајќи ги протестите на опозицијата и благословувајќи ги руските конфликти во странство, пишува агенцијата Франс Прес.

Брзо по почетокот на руската инвазија на Украина минатиот месец, патријархот Кирил ги нарече московските противници во Украина „зли сили“.

„Не дај Боже актуелната политичка ситуација во братска Украина да биде фокусирана на доминација на злите сили кои секогаш се бореле против единството на Русија и Руската црква“, рече тој во обраќањето до верниците.

Патријархот Кирил рече дека се моли за мир низ целата „руска земја“, која, како што рече, ги вклучува Русија, Украина и Белорусија.

Во меѓувреме, папата Франциск повеќе пати повика на прекин на конфликтот. Минатата недела тој упати барање да се запре „масакрот“ и „неприфатливиот вооружен напад“ во Украина.

Говорејќи по неговата неделна молитва, тој го осуди „варварството“ и убивањето деца и цивили и порача: „Во името на Бога, престанете со овој масакр“.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари. За три недели, над три милиони луѓе ја напуштија земјата.