НАТО размислува да го зголеми присуството во источниот дел од Алијансата

Шефот на НАТО - Јенс Столтенберг

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека треба да го зголемат присуството во источниот дел од Алијансата поради руската инвазија на Украина.

„На терен тоа би значело вклучување на многу повеќе сили во источното крило на алијансата, поголема спремност и повеќе опрема и залихи“, рече Столтенберг на прес-конференција по итниот состанок во Брисел на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата.

Но, Столтенберг рече дека НАТО не планира да распореди сили во Украина.

„Ја повикуваме Русија, претседателот Владимир Путин да ги повлече своите сили, но немаме планови за распоредување на трупи на НАТО на теренот во Украина“, рече Столтенберг.

Неговата изјава доаѓа откако Полска побара од Алијансата да распореди мировна мисија во Украина.

Вонреден самит на НАТО, на кој ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден, е закажан за 24-ти март. Самитот ќе се обиде да го координира одговорот на руската војна во Украина, рече Столтенберг.