Ковачевски најави дека ќе го намали бројот на советници

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе го намали бројот на негови советници и дека ќе има најмалку од сите претходни премиери.

„Бројот на советници којшто јас планирам да го имам е помал од бројот на советници што ги имале досегашните премиери. Тие советници ќе извршуваат работи во нивната професионална област, сите имаат дваесет и повеќе години професионално искуство, академско и професионално“, рече Ковачевски за медиумите при посетата на „ОХИС“.

Тој додаде дека со реорганизација на неговиот Кабинет, дел од советниците повеќе нема да ја имаат таа задача, а дел од нив ќе работат на линиски работи во организациски единици за кои се специјализирани според нивните квалификации.

Според него, веќе се планирани тие што ќе бидат советници, но не може да ги објави нивните имиња зашто тоа се уште не е официјално.

Ковачевски по вчерашната владина одлука порача дека секоја набавка на мебел или на возила во државните институции, мора да биде одобрена од Владата и тоа ќе биде направено само во случај доколку е неопходно.

Владата усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор задолжувајќи ги сите буџетски корисници да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.