Источноевропските лидери со пофалби за „храбрата борба“ на Украина

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, чешкиот премиер Петр Фиала и словенечкиот премиер Јанез Јанша со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Лидерите на трите источноевропски земји Чешка, Полска и Словенија ја пофалија Украина за нејзината „храбра борба“ против руските сили, откако ја завршија посетата на Киев каде се сретнаа со претседателот Володимир Зеленски. Тоа беше прва посета на градот на странски лидери од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

„Овде, во разурнатиот од војна Киев, се пишува историја“, напиша полскиот премиер Матеуш Моравјецки на Твитер, објавувајќи слики од него, од чешкиот премиер Петр Фиала и словенечкиот премиер Јанез Јанша на маса со Зеленски, со други официјални лица и карта на Украина.

Оваа војна е резултат на суровиот тиранин кој ги напаѓа ранливите цивили, бомбардирајќи градови и болници во Украина. Како резултат на тоа, светот го загуби чувството на сигурност, а невините луѓе умираат и ја губат целата животна заработка. Треба што поскоро да ја запреме трагедијата што се случува на Истокот“, напиша Моравјецки на Фејсбук.

Зеленски им рече на тројцата лидери дека руските сили „гранатираат насекаде. Не само Киев, туку и западните области“.

Фиала ја пофали „храбрата борба“ на Украина за одбивање на инвазијата.

„Вие се борите за своите животи, за својата земја и за својата слобода. Знаеме дека се борите и за нашите животи. Не сте сами“, напиша тој на Твитер.

Јанша, исто така, објави коментари на Твитер за патувањето и средбата на премиерите, велејќи дека во последните две години дискусиите за европските вредности биле главно теоретски.

„Тогаш, одеднаш, сфативме дека тие основни европски вредности всушност постојат. И дека се загрозени. И дека Европејците ги бранат. Со своите животи. Во Украина“, напиша тој на Твитер.