Владата наложи јавниот сектор да штеди

Влада на Република Северна Македонија

Владата на денешната 28-ма седница усвои антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор. Со овие мерки буџетските корисници се задолжени да ги намалат расходите за стои и услуги за 10 проценти. Тие до 21 март до Министерството за финансии треба да достават предлог за тоа како ќе ги намалат трошоците.

Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.

Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50 отсто да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително. Тие се задолжени и да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.

Владата ги задолжи јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 отсто и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена.

Владата им препорачува на регулаторните тела, на општините, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи за прифаќање на лица од бегалска криза предизвикана од воените дејствија во Украина.

Владата задолжи неколку министерства да утврдат со какви капацитети располага земјата и да подготват активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.