Регулаторната комисија за енергетика вечерва одлучи дека од полноќ се намалува цената на дизелот за три денари, а на екстра лесното масло за домаќинство за 2,5 денари. Цената на бензините останува иста.
Според новата одлука на РКЕ, дизелот ќе се продава по цена од 85 денари за литар, а екстра лесното масло за домаќинство за 81 денар за литар. Цените на бензините остануваат исти што значи дека еуросупер БС-95 и понатаму ќе има цена од 86,5 денари за литар, а еуросупер БС-98 цена од 88,5 денари за литар.
Малопродажната цена на мазутот се намалува за 1,615 денар/килограм и сега ќе изнесува 59,299 ден/кг.
Со ова, се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,50 проценти во однос на одлуката донесена на 14 март.
Поради растот на цените на светските пазари цените на енергенсите почнаа да растат кон крајот на минатата година, а по руската инвазија на Украина тие дополнително се зголемија бележејќи рекорди. Владата минатата недела одлучи, а Собранието изгласа измени на закони со кои се намалува ДДВ-то, маржите и царинските давачки за горивата, со што цените почнаа да се намалуваат за по некој денар.