Речиси 3 милиони лица ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија

Украински бегалци во Полска

Скоро 3 милиони луѓе ја напуштиле Украина откако руските сили ја започнаа инвазијата пред речиси три недели, соопшти Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ).

Русија негира дека цел и се цивилите, тврдејќи дека нејзините дејствија се „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на Украина.

Украина и западните сојузници ова го сметаат за неоснован изговор за инвазијата од Москва врз една демократска земја.

Меѓу бегалците има повеќе од 150.000 државјани на трети земји, напиша на Твитер портпаролот на ИОМ, Сафа Мшехли.

Според податоците од владите собрани од Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), повеќето украински бегалци кои бегаат од својата земја пристигнале во Полска или 1,83 милиони лица.

Над 450 илјади има во Романија, над 337 илјади во Молдавија, скоро 264 илјади во Унгарија и 213 илјади во Словачка, се наведува на веб-страницата на УНХЦР.

Скоро 143 илјади бегалци побегнале во Русија, соопшти УНХЦР, повикувајќи се на најновите податоци од Москва, додека релативно мал е бројот на оние кои отишле во Белорусија.

Значителен број бегалци почнуваат да се движат подалеку од соседните држави кон запад, каде се евидентирани околу 300 илјади поединци кои досега отишле во Западна Европа, соопшти УНХЦР.