Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел изјави дека е време да се обнови процесот на проширување и Западен Балкан да стане неповратен дел од Европската унија (ЕУ).
„Да се биде обединет е поважно од кога било. Дојде време за обнова на процесот на проширување. Знам дека ова веројатно веќе сте го слушнале. Вие сами (Рама) рековте дека се потребни дела, а не зборови“, изјави Борел за време на прес конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, а за време на денешната посета на Албанија.
Тој ја пофали Албанија велејќи дека ја потврдила својата посветеност на меѓународниот поредок и безбедност.
„Албанија јасно покажа дека е еден од нашите најсигурни партнери. Политиката на Албанија е 100% во согласност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Дури и пред војната, но и во овие времиња, Албанија ја потврди својата посветеност на меѓународниот поредок и безбедноста“, рече Борел.
Премиерот Рама, пак, ја повтори потребата од формално отворање на преговорите за членство, но изрази скептицизам за процесот.
„Колку побрзо го направат тоа, толку подобро, бидејќи поминуваат многу време ветувајќи и не држејќи се за ветувањата, но веќе разбираме дека тоа не е прашање на заедничка волја на Европскиот совет, туку на блокада меѓу други две земји [Северна Македонија и Бугарија]“, рече Рама.
Тој, меѓу другото, ја повика Европската Унија да не го остава Западен Балкан надвор од планот за справување со економската криза.
„Ако Европската Унија има план да ги поддржи земјите, дали да се соочаат со енергетската криза, што е најлошиот дел од кризата, или да се соочат со други последици од војната, да не го изостават Западен Балкан како при првата дистрибуција на вакцини“, потсети Рама.
Високиот претставник на ЕУ ги коментираше поскапувањата и загриженоста на албанските граѓани поради тоа. Граѓаните и активистите во Тирана веќе една недела протестираат против поскапувањето. Тие се противат на поскапувањето на горивата и храната, барајќи од владата да ги следи пазарите.
Борел вчера го посети Скопје кое беше првата станица од неговата посета на регионот. Од Скопје, високиот претставник на ЕУ отпатува за Тирана, а утре заминува за Сараево, каде што прво ќе ја посети операцијата на ЕУФОР Алтеа, а потоа ќе се сретне со властите на БиХ и со претставници на политички опозициски партии, како и на граѓанското општество.