Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска треба да разговара за конфликтот во Украина и тековните меѓународни разговори за заживување на историскиот ирански нуклеарен договор од 2015 година со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан, кој е во посета на земјата, објавија руските и иранските новински агенции.
Франција, Велика Британија и Германија предупредија на ризик разговорите за речиси завршениот обновен нуклеарен договор да пропаднат поради барањата на Русија да се гарантира нејзината трговија со Иран во услови на огромни санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Преговорите за обновување на историскиот нуклеарен договор од 2015 година заглавија откако Русија ги претстави своите нови барања претходно овој месец. Дотогаш разговорите беа блиску до обновување на договорот за регулирање на иранската нуклеарна програма.
- Ирански министер во Москва, нуклеарниот договор тема на разговори
- Израел не е против добар договор за нуклеарната програма на Иран
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзадех, го објави патувањето на Амир-Абдолахиан, додавајќи дека преговарачите „сега не се во моментот на објавување договор“, бидејќи за прашањата сè уште треба да решава Вашингтон. Тој рече дека штом тие одлуки се донесат, преговарачите „ќе можат да се вратат во Виена и да постигнат конечен договор.“
Иранскиот највисок безбедносен функционер, Али Шамхани, рече дека Иран ќе остане во разговорите се додека не се стигне до „силен договор што ги исполнува сите наши законски и логични барања“.