Гранатирани станбени објекти во Киев

Киев, март 2022

Руските сили ги засилија нападите во текот на ноќта врз предградијата на Киев и ги обновија нивните напори да го заземат важниот пристанишен град Мариупол на југ, додека украинските и руските преговарачи се подготвуваа за разговори со цел постигнување прекин на огнот.

Две лица загинаа во воздушен напад кој погоди станбена зграда во Киев, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.Спасени се уште 35 лица.

Градската државна управа на Киев состави список на згради во главниот град на Украина кои беа оштетени од гранатирање во текот на ноќта: Погодени Се две станбени згради од девет и 16 ката во областа Свијатошинск, 10-катна станбена зграда во областа Подилски, куќа вообласта Дарнитски и дел метро станицата Лукјанивска. Линијата на метрото се уште работи.

Украинската војска во соопштението рече дека артилериски оган ја погодил станбената област во непосредна близина на предградието Ирпин, во која биле забележани некои од најлошите битки во војната. Воздушни напади во текот на ноќта и рано наутро ги погодија и Хостомел и Буча, изјави на украинската телевизија шефот на киевскиот регион Олексеј Кулеба. Руските сили, исто така, извршија нови артилериски напади врз источниот град Харков, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина на Фејсбук. Во Мариупол, украинските власти известија за силни воздушни напади врз градот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека разговорите меѓу украинската и руската делегација ќе продолжат денеска. Зборувајќи во видео обраќање, Зеленски рече дека украинската делегација завршила добра работа за време на разговорите на 14 март. Тој не даде дополнителни детали.