Членките на ЕУ се согласија за нов пакет санкции кон Русија

Земјите-членки на Европската унија се согласија за четвртиот пакет санкции против Русија по нејзината инвазија на Украина, објави вечерва Канцеларијата на француското претседателство со ЕУ.

Француското претседателство рече дека дел од пакетот е тоа што на Русија ќе и биде укинат трговскиот статус „најповластена нација“. Овој потег може да доведе до тоа Унијата да забрани или да воведе казнени царини за увоз на руски стоки и со тоа Русија да ја стави на исто ниво со Северна Кореја или Иран.

Дипломатите соопштија дека санкциите треба да вклучуваат забрана за увоз на руски челик и железо, забрана за извоз на луксузни стоки, вклучително и автомобили во вредност од повеќе од 50.000 евра (55.000 американски долари) и забрана за инвестиции во нафтените компании и енергетскиот сектор.

Сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович и уште 14 лица, исто така, ќе бидат додадени на листата на ЕУ на санкционирани руски олигарси, велат дипломатите.

Велика Британија веќе го санкционираше Абрамович минатата недела со замрзнување на имотот и забрана за патување. Нето богатството на Абрамович неодамна беше проценето на 7,2 милијарди долари од страна на магазинот Форбс.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека пакетот договорен од лидерите на ЕУ на самитот минатата недела, исто така, го блокира пристапот на Русија до средствата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

Последните санкции ќе бидат формално воведени откако ќе бидат објавени во Службен весник на ЕУ, што француското претседателство рече дека ќе следи „наскоро“.