Казахстанските власти со контрадикторни бројки за загинати во јануарските протести

Казахстан, јануари 2022

Властите во Казахстан даваат контрадикторни бројки за жртвите од антивладините протести во јануари. Генералниот обвинител Берик Асилов на 14 март рече дека 230 лица, вклучително и 19 полицајци, загинале за време на немирите на почетокот на јануари, кои беа насилно растурени од безбедносните сили.

Според обвинителот, најмногу луѓе, 139, биле убиени во најголемиот град во земјата, Алмати, каде имаше најтешки насилства.

Во меѓувреме, народниот правобранител Елвира Азимова на седница на парламентот на 14 март рече дека бројот на загинатите за време на немирите е 238.

Таа подоцна за РСЕ изјави дека во бројката што ја кажала се пресметани и оние кои починале во полициски притвор откако биле приведени, а биле повредени за време на немирите.

Казахстанските власти претходно соопштија дека во насилството загинале 227 лица.

Илјадници луѓе беа приведени од официјални лица по протестите, за кои казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев рече дека биле предизвикани од „20 илјади терористи од странство“, тврдење за кое властите не дадоа докази.

Немирите се случија по мирните демонстрации во строго контролираниот западен регион Мангистау на 2 јануари поради зголемувањето на цената на горивото, што доведе до масовни антивладини протести.

Групите за човекови права велат дека бројот на убиени е многу поголем од која било од бројките дадени од официјалните лица. Организациите обезбедија докази кои докажуваат дека мирни демонстранти и луѓе кои немаат никаква врска со протестите се меѓу убиените од органите на редот и воениот персонал.

Имаше извештаи и дека лица во притвор биле мачени од полицијата.