Средба Османи-Петков во Анталија

Бугарскиот премиер Кирил Петков и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи учествуваа на Анталија Дипломатскиот Форум

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на Анталија дипломатскиот форум се сретна со премиерот на Бугарија Кирил Петков, соопштија од македонското министерство за надворешни работи.
Од таму наведуваат дека на средбата станало збор за воениот конфликт во Украина и како истиот ќе се рефлектира во однос на безбедносната состојба во регионот на Западниот Балкан и Европа.

"Ни требаат јасни и недвосмислено пораки како гарант за европската перспектива на земјите од регионот. Нашата европска интеграција станува безбедносно прашање и само позитивен исчекор во оваа насока ќе придонесе кон општата безбедност и сигурност на целиот европски континент", рекол Османи, а пренесува МНР.

Во соопштението се наведува дека на средбата било изразено задоволство од процесот на динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа, а биле дискутирани разменетите предлози за унапредување на соработката во повеќе области.

„Во однос на пакетот политички прашања беше нагласено дека непосредната комуникација на политичко и експертско ниво е ефективен метод и како таков ќе продолжи да се користи во контекстот на продлабочување на односите и подигање на нивото на политички дијалог“, сооптши МНР.

Премиерите во двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков кои дојдоа на власт пред неколку месеци најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата, со што од тогаш фокусот се стави врз работата на заедничката комисија. Сега се формирани и други работни групи кои имаат фокус врз економијата, транспортот, образованието и културата.