Украина тврди дека руските сили гранатирале џамија во Мариупол

Украина- уништени станбени области во Мариупол, фотографии направени од локален жител на 9 и 10 март 2022 година.

Руските сили гранатираа џамија во јужниот украински пристанишен град Мариупол, каде што биле засолнети повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани, соопшти украинското Министерство за надворешни работи на 12 март.

Украинските власти ги обвинија руските сили за гранатирање на коридорите за евакуација и за спречување на цивилите да избегаат од градот кој има околу 430.000 жители.

„Џамијата на султанот Сулејман Величествениот и неговата сопруга Роксолана (Хурем Султан) во Мариупол беше гранатирана од руските сили“, објави Министерството за надворешни работи на Твитер.

„Повеќе од 80 возрасни и деца се кријат таму од гранатирањето, вклучително и државјани на Турција“, се наведува во објавата во која не е наведено дали има загинати или повредени луѓе.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна

Москва негираше дека нивни цели се цивилни области. Обединетите нации на 11 март соопштија дека добиле веродостојни извештаи дека руските сили користат касетни бомби во населени области во Украина. Меѓународното право ја забранува употребата на овие бомби, кои расфрлаат помали експлозиви на широк простор.