МНР: вратени се македонските камиони кои беа запленети во Украина

Илустрација- границата меѓу Полска и Украина

Вратени им се камионите и превезуваната роба на македонските транспортери кои беа запленети од украинските власти на граничниот премин „Јагодине” меѓу Украина и Полска, соопшти Министерството за надворешни работи.

“По многубројните активности преземени од страна на Министерството за надворешни работи и нашите амбасади во Полска и Украина, како и благодарение на соработката од страна на украинските надлежни институции, на транспортерите на камиони на граничниот премин меѓу Украина и Полска – „Јагодине” им беа вратени камионите и превезуваната роба, што претходно беа запленети од страна на украинските локални власти. Со ваквиот чекор, а благодарение на преземените дипломатски активности беше решен проблемот на нашите превозници и беа избегнати големи материјални штети за нивните компании”, стои во соопштението од МНР.

На 9 март, по неколкучасовно чекање на украинско-полската граница возачите на македонска фирма добија дозвола да излезат од Украина пешки, а камионите им беа задржани.

Двата камиони, како што соопштија од фирмата, биле товарени со јаболко кое наменето за рускиот пазар, а во Украина влегле пред за започне инвазијата, по што добиле насоки да се вратат назад, но проблемот се јавил кога дошле на украинско-полската граница.