Стопанска комора апелира мерките што се носат да не го нарушат работењето на компаниите

Стопанска комора на Македонија.

Стопанската комора денеска преку соопштение апелира мерките за ублажување на последиците од кризата, да не го нарушат оперативното работење на компаниите.

„Имајќи ги предвид усложнетите економски движења на глобално ниво, што воедно предизвикува и драстично зголемување на цените на нафтените деривати, во услови на несоодветната методологија за пресметка која се применува во Северна Македонија, компаниите членки на Комората од редот на трговците со нафта и нафтени деривати, апелираат за наоѓање на заедничко решение со Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи тие во овој момент работат со загуба, односно набавната цена е поголема од продажната“, стои во соопштението на Стопанска комора.

Деловните субјекти од овој сектор ја поздравуваат одлуката за дневно регулирање на цените на нафтените деривати, но забележуваат на намалувањето на трговската маржа за 33 отсто, која од 4,5 денари сега изнесува три денари од литар.

„Ваквата одлука по укажување на компаниите ќе го поремети нивното оперативно работење со што би се довеле во прашање егзистенцијата и понатамошното функционирање на трговците како и целиот енергетски пазар бидејќи истите со секој продаден литар гориво генерираат загуби. Воедно нејасно е зошто рокот за враќање на маржата не е ставен во правилникот (во еден момент регулаторот вели дека ќе се сменат маржите кога ќе се сменат законите а од друга страна дека сепак ќе зависи од цената на светските берзи), со што се влева недоверба кај трговците кои набавката на дериватите ја финансираат со сопствени средства“, посочуваат оттаму.

Од РКЕ соопштија дека маржата е намалена за 33 отсто се со цел да нема поголеми ценовни шокови.

Во собраниска процедура се законите кои се однесуваат на мерки за намалување стапката на ДДВ за основните производи од 5 отсто на 0 отсто и намалување на ДДВ-то од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси, за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси и за намалување на акцизата согласно берзанските цени.

Владата пред два дена го донесе сетот мерки со кои, како што најавија, треба да се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврди дека денеска нема да има промена на цената на нафтените деривати бидејќи не се исполнети условите за тоа.