Индија жали бидејќи случајно истрелала проектил во Пакистан

Илустративна фотографија/ Модели на антиракетни системи на саемот Аеро Индија во 2019 година

​Индија потврди дека пред два дена случајно истрелала проектил кон Пакистан, поради што наредила истрага на високо ниво да го истражи случајот.

„На 9 март 2022 година, за време на рутинско одржување, техничка неисправност доведе до случајно истрелување проектил“, се наведува во денешното соопштението на Министерството за одбрана каде изразуваат „длабоко жалење“ за инцидентот.

Претходно денеска од пакистанското Министерство за надворешни работи соопштија дека го повикале индискиот вршител на должноста во Исламабад за да поднесат протестна нота поради, како што велат, неиспровоцираното нарушување на нивниот воздушен простор.

Пакистан повика на истрага за инцидентот, за кој рече дека можел да ги загрози патничките летови и животите на цивилите.

Портпаролот на пакистанската војска, Бабар Ифтихар, на вчерашната прес-конференција изјави дека „брз летечки објект“ се урнал во близина на пакистанскиот источен град Миан Чану и дека потекнува од северниот индиски град Сирса, во близина на Њу Делхи.

Воените експерти во минатото предупредуваа на ризик од несреќи или погрешни пресметки од страна на соседите, кои водеа три војни и учествуваа во бројни воени судири. И двете земји имаат нуклеарно оружје.