Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите пратеници веднаш да ги усвојат измените на Законите за ДДВ и за акцизи и нагласи дека тоа е најголемиот приоритет.
„Мора сите заедно, да дадеме максимум и да обезбедиме брза и итна имплементација на сите мерки кои ќе значат заштита на животниот стандард и ликвидност на компаниите“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе гласа за предложените мерки од владата. Од опозициската партија најавуваат и дека ќе поднесат пет амандмани со четири суштински забелешки.
„Ние ќе гласаме за предложените мерки, иако сметаме дека се задоценти. Многу од мерките веќе беа предложени од опозицијата претходно уште пред дваестина дена, а на 28 февруари се поднесении како предлози во Собранието. Зошто Владата одбива да ги прифати прдлозите на опозицијата, не знам, но гледаме дека се она што ќе се одбие, по неколку дена се прифаќа. Арогантно не повикуваат да ги прифатиме мерките кои ние сме ги предложиле“, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ пред одржувањато на денешната собраниската седница.
За попладнево во 15 часот беше закажан седница на Собранието на која ќе се разгледуваат предлозите на Владата за измени на законите за акцизи и за ДДВ.
Според Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Владата пред два дена го донесе сетот мерки со кои, како што најавија, треба да се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврди дека денеска нема да има промена на цената на нафтените деривати бидејќи не се исполнети условите за тоа.