РКЕ: Денеска нема нова цена за горивата

Илустративна фотографија/ Редици на бензинските пумпи во Скопје по најавата за раст на цената на горивата

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврди дека денеска нема да има промена на цената на нафтените деривати бидејќи не се исполнети условите за тоа.

Во однос на предложените законски измени кои се во собраниска процедура, од РКЕ велат дека ќе имаат седница веднаш штом се изгласаат измените на Законот за акциза во Собранието и се објават во Службен весник. На оваа седница најавуваат дека ќе биде донесена одлука за највисоки малопродажни цени на нафтените деривати во која соодветно ќе биде инкорпорирана новата акциза, односно ќе биде донесена нова одлука.

Во врска со измените во законот за ДДВ предвидено е да се пристапи кон примена на даночна стапка од 10% кога Владата поблиску ќе ги определи видот на добрата и временскиот период на ослободување на плаќањето на ДДВ. РКЕ ќе ја вкалкулира намалената даночна стапка во нова одлука штом Собранието ќе ги изгласа измените во Законот за ДДВ и откако потоа Владата ќе донесе одлука.

Владата пред два дена донесе сет мерки како намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси, ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси, како и мерка за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони , како што најавија од Влада, треба да се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата. Оттаму апелираа пратениците веднаш да ги усвојат.

Претходно, поради кризата од РКЕ најавија дека на дневно ниво ќе вршат корекции на цените на нафтените деривати. Така, од синоќа на полноќ, горивата пак поскапеа во просек од 1,67 отсто. Така, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголеми за три денари односно на 97 денари за литар, а цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 останаа на исто ниво како претходниот ден, односно се продаваат за 93 и 95 денари од литар.

Ова беше трето поскапување на горивата за неколку дена. РКЕ на 7 март го поскапе дизелот за 10 денари, бензините за 5,5 денари по литар. Завчера, пак, дизелот беше поскапен за 8 денари.