Кремљ најавува забрана за Фејсбук и Инстаграм ако дозволат повици за насилство кон Русите

Илустративна фотографија

Кремљ вели дека Русија ќе ги забрани активностите на компанија „Мета“, ако се покаже како точна информацијата дека ќе им дозволи на Фејсбук и Инстаграм корисници да повикуваат на насилство кон Русите.

Осврнувајќи се на вчерашниот извештај на Ројтерс дека интерни мејлови покажале дека платформите на Мета ќе им овозможат на корисници на Фејсбук и Инстаграм во некои земји да повикаат на насилство против Русите и руските војници, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека Москва ќе преземе „решителни мерки“ доколку ова е вистина.

„Не сакаме да веруваме во извештајот на Ројтерс – едноставно е премногу тешко да се поверува“, рече портпаролот.

„Се надеваме дека тоа не е точно зашто ако е вистина, тоа значи дека ќе треба да има најодлучни мерки за прекин на активностите на оваа компанија“, рече Песков.

Потегот, кој би означил привремена промена на политиката на Мета за говорот на омраза, се однесува само на корисници во некои земји како Украина, Русија, Полска, Летонија, Литванија, Естонија и Унгарија, пренесе Њујорк Тајмс.

Портпаролот на Мета синоќа ја наведе фразата „Смрт за руските напаѓачи“ за да илустрира кој е исклучокот што вообичаено би ги прекршил правилата.

„Секако нема да дозволиме повици за насилство врз руски цивили“, напиша тој на Твитер.

Претходно денеска, руската амбасада во САД побара од Вашингтон да ги запре „екстремистичките активности“ на Мета платформите. Амбасадата ги повика властите на САД „да престанат со екстремистичките активности на Мета и да преземат мерки за да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“.

Руската војска ја проширува офанзивата во Украина која ја започна пред две недели. Од почетокот на инвазијата над 2,2 милиони лица ја напуштиле Украина.