Утре во 15 часот седница за измените на законите за ДДВ и акцизи

Собрание на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 15 часот ја закажа седницата на која на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи.

Собраниската расправа ќе следи откако претходно денеска Владата ги испрати до Собранието измените и дополнувањата на законите, наведувајќи дека измените треба да бидат донесени во итна постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.

Законите се однесуваат на мерки за намалување стапката на ДДВ за основните производи од 5 отсто на 0 отсто и намалување на ДДВ-то од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси, за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси и за намалување на акцизата согласно берзанските цени.