Транспортерите бараат средба со Владата, во спротивно го заприраат превозот на патници и стока

Илустрација

Транспортерите бараат итна средба со владата на која, како што велат, ќе се утврдат мерки со кои ќе се ублажи ударот од зголемувањето на цената на нафтените деривати врз овој сектор.

Во писмо упатено до премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски велат дека компаниите за превоз се приморани да ги зголемат цените, бидејќи во моментов се соочуваат со огромни загуби.

„Ја повикуваме Владата на Република Северна Македонија итно да реагира и да договори средба на која ќе учествуваме и ние како претставници на транспортниот сектор и да донесеме итни конкретни мерки за ублажување на овој удар, кој многу македонски фирми ќе ги принуди да престанат со вршење на дејноста превоз“, се вели во писмото упатено до Владата.

Во писмото потпишано од СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ и Асоцијацијата на здруженија на работодавачи на трговски друштва за превоз на патници ИСТОК, се наведува дека поради големото учество на горивото во цената на превозот и неизвесноста за иднината на транспортерите, а по најавата за секојдневно зголемување на цената на нафтата, ќе бидат приморани да го запрат превозот на патници и стока и дека ќе повикаат на масовни протести се до изнаоѓање на најповолно решение.