Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе ги посети Сараево и Приштина.
Таа во Сараево ќе се сретне со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ. По тој состанок е закажана заедничка прес-конференција. Посетата на Сараево таа ќе ја заврши со разговори со високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
Потоа ќе отпатува во Приштина, каде што е предвидена средба со косовската претседателка Вјоса Османи. Германската министерка ќе се сретне и со премиерот на Косово, Албин Курти, по што ќе одржи заедничка прес-конференција. На крајот од посетата на Пришти на, Бербок ќе е сретне со претставници на КФОР и германски војници од таа мировна мисија.
Бербок на вториот ден од посетата на Западен Балкан ќе го посети Белград, а потоа ќе отпатува за Молдавија.
Пред посетата германската министерка рече дека нападот на Русија врз Украина е пресвртница која јасно покажува дека Европа мора да биде подготвена стратешки да инвестира во нејзината долгорочна безбедност, а тоа особено важи за односите со Западен Балкан. Таа вели дека денешниот мир на Западен Балкан можеби не е совршен, но е скапоцен.
„Мораме отворено да кажеме дека во последните години разочаравме и запоставивме многу од тие земји. Актерите како Русија притискаат на оваа отворена страна, кои немаат интерес за европската иднина и не се двоумат повторно да ги разгорат нерешените конфликти. Сега патувам првенствено во Западен Балкан за да слушнам што луѓето таму очекуваат од нас сега, но и да им објаснам дека нема да го оставиме тој регион во срцето на Европа на влијанието на Москва“, рече Бурбок.
Таа посочи дека Европа во последните денови покажа дека е ефикасна и решена да се спротивстави на агресивните постапки на рускиот претседател. Сега, смета таа, неопходно е Европа да покаже дека е подготвена со истата енергија да се вклучи на креативен и ориентиран кон иднината во земјите од европското соседство.
Бербок вели дека за Германија, Западен Балкан е приоритет и затоа германската влада создаде нова функција на специјален пратеник за Западен Балкан.