СЗО - Русија нападна 18 медицински установи од почетокот на инвазијата во Украина

Бремена жена ја напушта нападнатата болница во Мариупол

Русија нападна 18 медицински установи од почетокот на инвазијата на Украина пред две недела, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Соопштението на СЗО уследи откако во руски воздушен напад беше уништено породилиште во опколеното црноморско пристаниште Мариупол.

Нападот во Мариупол дојде во време додека десетици илјади украински цивили се обидуваат да ги напуштат областите кои се под постојано руско бомбардирање.

Украинските власти соопштија дека во нападот биле ранети најмалку 17 лица. Меѓународната заедница го осуди нападот.

Хуманитарните коридори кои беа воспоставени за ги извлечат цивилите од опколените градови не се реализираа во обемот како што беше планирано, поради континуираните борби.

СЗО на 9 март соопшти дека потврдила 18 напади врз медицински установи од почетокот на руската инвазија пред две недели. Од светската организација велат дека потврдиле и 10 смртни случаи во нападите врз здравствените установи и амбулантите од почетокот на борбите.


Градскиот совет на Мариупол соопшти дека рускиот напад врз болницата на 9 март предизвикал „колосална“ штета, додека претседателот Володимир Зеленски на Твитер напиша дека има „луѓе, деца под урнатините“ на болницата. Тој го нарече нападот „злосторство“.

Украинските власти се обидуваат да утврдат колку луѓе биле убиени или ранети во нападот.