Украина ги обвини руските воени сили за бомбардирање на детска болница во Мариупол, што предизвика бес и осуда од украинскиот претседател Володимир Зеленски. Градскиот совет на Мариупол соопшти дека болницата е уништена.
„Руските окупаторски сили фрлија неколку бомби врз детската болница. Уништувањето е големо“, се вели во објавата.
Сликите на социјалните мрежи покажуваат дека зградата претрпела огромни штети.
Зеленски го осуди нападот, велејќи дека децата лежеле заробени под урнатините како резултат на руското бомбардирање.
„Ужас! Уште колку повеќе светот ќе биде соучесник во игнорирањето на теророт?“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер.
Во пет украински градови меѓу кои и Мариупол денеска се одвива евакуација на украинските граѓани. Илјадници луѓе вчера се обидоа да ги напуштат градовите низ земјата преку хуманитарни коридори со ограничен успех бидејќи континуираното руско бомбардирање пресече некои од излезните правци.
Украина ги повика руските сили да ги исполнат своите заложби за локални прекини на огнот. Руската инвазија започна пред две недели, а Мариупол е меѓу најпогодените градови.