Комитет за финансиска стабилност: Денарот е стабилен, системот подготвен за предизвиците

Илустративна фотографија

Финансискиот систем е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што би произлегле од руско-украинскиот конфликт, порача Комитетот за финансиска стабилност при Народната банка по денешниот состанок на кој биле разгледани најновите движења во финансискиот сектор.

Оттаму посочуваат дека денарот е стабилен, а надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат и да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата.

Од Комитетот укажуваат дека засега нема и не се очекуваат поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор поради слабите финансиски врски со Русија и Украина и отсуството на капитал од овие две држави во банкарскиот сектор.

„Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој е тешко да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки“, се додава во соопштението.

Пред Комитетот било истакнато дека девизните резерви се на високо ниво, берзата е стабилизирана по првичниот шок, како и дека институциите ќе разгледуваат нов сет антикризни мерки за амортизирање на ударите однадвор кон домашната економија и стандардот на граѓаните. На седницата било констатирано и дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат ако биде потребно.

Оттаму додаваат дека сите финансиски услуги непречено се вршат и ќе продолжат да се вршат и понатаму во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор.