Главниот ирански преговарач се врати во Виена на разговори за нуклеарниот договор

Али Багери Кани, главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје пристигнува во Виена на 8 февруари 2022 година

Главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје во разговорите за заживување на нуклеарниот договор со светските сили се врати во Виена по консултациите во Техеран, објави новинска агенција ИСНА.

Али Багери Кани пристигна во австриската престолнина рано денеска по извештаите за напредок во преговорите за обновување на договорот од 2015 година со кој беа тргнати санкциите кон Иран, а во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма.

Заедничкиот сеопфатен акционен план, како што е официјално познат овој договор, беше напуштен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година, а некои од мерките во него потоа беа прекршени од страна на Техеран.

Разговорите за враќање на договорот се во тек во Виена од април, а наводно постигнувањето на договор е блиску.

Но, разговорите беа искомплицирани од Русија која во последен момент побара гаранции од САД дека западните санкции насочени кон Москва поради нејзината инвазија врз Украина нема да влијаат на нејзините договори за соработка со Иран.

Западните страни во договорот- САД, Велика Британија, Франција и Германија, вчера ја предупредија Русија да не ги уништува речиси завршените разговори за обновување на договорот.

Дипломатот на Европската унија, Енрике Мора, кој е координатор на разговорите, на 7 март изјави дека е дојдено време да се донесат политички одлуки за завршување на преговорите.