Зеленски го цитираше Черчил пред британските пратениците

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи се на британскиот државник Винстон Черчил, денеска вети дека „ќе се бори до крај“ во својот виртуелен говор пред пратениците во Велика Британија.

„Нема да се откажеме и нема да загубиме“, рече тој, раскажувајќи за секој изминат ден од стартот на руската инвазија и осврнувајќи се на изгубените животи на цивилите, вклучително и украинските деца.

„Ќе се бориме до крај, на море, во воздух. Ќе продолжиме да се бориме за нашата земја, без разлика на цената, во шумите, на полињата, на бреговите, на улиците“, рече тој во својот говор кој заврши со овации на крајот од пратениците.

Говорот наликуваше на историското обраќање на Черчил до Долниот дом во јуни 1940 година, откако британските сили беа принудени да се повлечат од Франција по нацистичкиот напад на Германија, јавува новинската агенција Франс Прес.

Зеленски, облечен во воено-зелена маица и седејќи до сино-жолтото знаме на Украина, во својот виртуелен говор го цитираше и Вилијам Шекспир.

„Прашањето за нас сега е да се биде или да не се биде. Сега можам да ви дадам дефинитивен одговор: тоа е да, да се биде“, изјави тој.

Зеленски, им се заблагодари на западните земји за нивните санкции кон Русија, но истовремено потенцираше дека НАТО не успеал да ги прифати неговите барања за воведување зона на забранети летови над Украина.

„Но, ве молиме зголемете го притисокот на санкции против оваа земја. И ве молиме посочете ја оваа земја како терористичка држава. И ве молиме погрижете се нашето небо да биде безбедно“, рече тој.

Во одговорот премиерот Борис Џонсон рече „никогаш досега во сите наши векови на парламентарна демократија Домот не слушал такво обраќање“.

Џонсон потенцираше дека Западот е решен да продолжи со испораките на оружје и дополнителни санкции, откако САД и Велика Британија објавија забрана за увоз на руските енергенси.