Доктор од Валандово доброволно им помага на бегалците од Украина

Повеќе од два милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија соопштија денеска од Обеденитети нации

Докторот Даниел Кировски од Валандово замина на граничниот премин меѓу Бугарија и Романија за да им пружа медицинска помош на бегалците од војната во Украина, каде ситуацијата ескалира и принудува се поголем број луѓе да ги напуштаат своите домови.

Евакуација на Украинци од неколку градови

Националната асоцијација на доброволците собрала над 70 лекари, меѓу нив и валандовчанецот, д-р Кировски, кои доброволно и бесплатно ги прегледуваат и им пружаат медицинска помош на бегалците од кризните региони во Украина кои пристигнуваат во прифатните центри на границата меѓу Бугарија и Романија.

„Од долгото и мачно патување бегалците најчесто имаат проблеми со алергии, респираторни болести и дијареа, но голем број од нив имаат и онколошки како и ревматични болести. Се надеваме дека оваа војна што побрзо ќе заврши, а со неа и бегалските маки“, рече д-р Кировски.

Од почетокот на руската инвазија досега повеќе од два милиони луѓе ја напуштиле Украина, покажуваат последните податоци на Обединетите нации, а повеќето од нив заминале во Полска, како и во Унгарија, Романија, Молдавија и Словачка.