Русија тврди дека отворила хуманитарни коридори од неколку украински градови

Украински полицаец им помага на луѓето да го напуштат Ирпин, 7.3.2022

Русија на 8 март соопшти дека отворила хуманитарни коридори за да им овозможи на цивилите да се евакуираат од неколку украински градови ,меѓу кои и главниот град Киев. Во меѓувреме останува украинскиот скептицизам по сличните ветувања на Москва кои предвидуваа само евакуација кон Русија и нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека коридорите се отворени денеска од 10 часот по московско време од Чернихив, Суми, Харкив и опколеното црноморско пристаниште Мариупол, каде што се проценува дека 200 000 луѓе, речиси половина од населението, се надева дека ќе побегнe.

Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница, а на околу 350 километри источно од Киев, е подложен на интензивно руско бомбардирање. Најмалку девет лица, меѓу кои две деца, загинаа во воздушен напад врз градот, соопштија украинските спасувачки служби на 8 март.

Русија прогласи „режим на молк“ за хуманитарните коридори, соопшти Министерството за одбрана, а пренесе агенцијата Интерфакс. Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на 8 март потврди дека договорот со Русија за отворање на хуманитарен коридор ќе им овозможи на цивилите да почнат да го напуштаат опколениот североисточен украински град Суми.

„Договорено е првиот конвој да започне во 10 часот од градот Суми. Конвојот ќе го следи локалното население со сопствени возила“, рече Верешчук во телевизиска изјава.

Рутите и крајните дестинации на коридорите засега не се јасни. Најавите следуваат по завршувањето на третата рунда разговори меѓу двете страни која се одржа вчера, на 7 март, а по која висок украински функционер изјави дека има мал напредок кон воспоставување безбедни коридори.