Борел - Европа може да очекува пет милиони бегалци од Украина

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел

Европа може да очекува да прими 5 милиони бегалци ако продолжи руската инвазија врз Украина и бомбардирањето на градовите, оцени денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во Монпеље во Франција.

„Ако гранатирањето продолжи, ако продолжи неселективното бомбардирање на градови, може да очекуваме пет милиони бегалци“, рече високиот претставник за надворешна политика и безбедносна политика на ЕУ на состанокот на европските министри за надворешни работи.

ОН во изминатите денови наведоа дека ако војната продолжи, 4 милиони луѓе би можеле да ја напуштат Украина. Околу 1,7 милиони луѓе веќе избегаа од земјата од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Борел оцени дека ЕУ треба да се подготви да прими 5 милиони луѓе и дека ќе треба голем финансиски напор за да се излезе на крај со таа ситуација.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 1 март вети дека ќе издвои најмалку 500 милиони евра од европскиот буџет за хуманитарна помош по руската инвазија врз Украина.