Велика Британија одбива да ги отвори границите за украинските бегалци

Британскиот премиер Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли повиците за олеснување на визните барања за Украинците што бегаат од конфликтот, велејќи дека Британија е дарежлива земја, но мора да продолжи да проверува кој доаѓа во неа.

„Ние сме многу, многу дарежлива земја. Она што го сакаме е контрола и сакаме да имаме можност за проверка. Мислам дека е разумно, со оглед на она што се случува во Украина, да се осигураме дека имаме некои основни можности да провериме кој влегува“, изјави Џонсон по критиките дека неговата земја не направила доволно и дека е далеку зад своите европски соседи во помагањето при најголемата хуманитарна криза на континентот од Втората светска војна.

Британската влада беше осудена од добротворни организации, пратеници од опозицијата и од Франција, откако некои Украинци беа блокирани во францускиот град Кале, каде што не можеа да преминат во Британија поради британското инсистирање бегалците прво да побараат визи, што предизвика дипломатски конфликт.

Европската унија се согласи да им даде привремен престој на Украинците кои бегаат од инвазијата и да им даде пристап до вработување, социјална помош и сместување до три години.

Британија најави визни програми за оние кои имаат семејство во земјата или подготвен спонзор. Медиумите изминатиот викенд објавија дека Британија досега има издадено само околу 50 визи за Украинците, иако премиерот Џонсон го оспори тоа без да даде дополнителни детали, според Ројтерс.

Обединетите нации проценуваат дека повеќе од 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина по руската инвазија.