ЕУ загрижена за БиХ, сè уште нема консензус за воведување санкции

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано

Претставниците на Европската унија повторија дека ЕУ е подготвена да ги искористи сите инструменти, вклучително и санкциите, за да помогне во надминување на кризата во Босна и Херцеговина, но предупредија дека е потребна едногласност меѓу земјите-членки за построги мерки.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека бриселските институции се многу загрижени за ситуацијата во Босна и Херцеговина, а тоа беше споменато во контекст на војната во Украина на вонредните состаноци на министрите за надворешни работи кои се состанаа неколку пати минатата недела.

„Во јануари, Советот на министри за надворешни работи разговараше за БиХ, а потоа рековме дека ЕУ е подготвена да ги примени сите инструменти, вклучително и санкциите, со цел да се надмине политичката криза и унилатералниот сецесионизам преземен од одредени актери. Сепак, за какви било санкции, земјите-членки треба да одлучат со консензус и ние никогаш нема да ги коментираме овие дискусии додека не се донесе одлука“, им изјави Стано на новинарите.

Во сегашната ситуација, како што објасни тој, ЕУ ги повикува сите релевантни актери во Босна и Херцеговина да ја надминат кризата и да направат се за да овозможат правилно функционирање на државните институции.

„Ги осудуваме сите еднострани чекори кои го нарушуваат интегритетот на БиХ. Ги повикуваме сите актери да се однесуваат конструктивно“, рече Стано.

Од почетокот на кризата во БиХ, Европската Унија не може да постигне консензус за воведување рестриктивни мерки против оние политичари во земјата кои го загрозуваат функционирањето на државните институции.

На 5 декември, Соединетите Држави донесоа проширена листа на санкции за дела на корупција, вклучувајќи го и Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и водач на Партијата на независни социјалдемократи (СНСД),односно водечката партија во Република Српска.