Белгија ги укинува, Словенија ги олабавува епидемиолошките мерки
Белгија и Словенија најавија олабавување на епидемиолошките мерки, на третата година почетокот на пандемијата.
Две години по прогласувањето вонредна состојба и карантин, Белгија ги укинува скоро сите епидемиолошки мерки, меѓу кои и обврските за носење маска и ковид пропусниците. Ккао што јавуваат белгиските медиуми, се укинува обврската за носење маска на јавни места, продавници и во училишта. Исклучок се здравствени установи и јавниот транспорт.
Единствено останува препораката за носење маска на места каде не може да се држи безбедна дистанца. Се укинува и ограниченото време за работа на угостителските објекти, а се дозволува користење на максималните капацитети на театри, кина, концертни сали.
Од 11 март во земјата ќе може да се влезе без задолжителен формулар за патување, со целосна вакцинација. Формуларот останува задолжителен за сите лица кои во Белгија доаѓаат од трети земји, што не се на листата на ЕУ како епидемиолошки безбедни. Забраната за влез во земјата останува на сила за несуштинско патување на државјани од трети земји, кои немаат потврда за вакцинација, или за закрепнување од Ковид. Таа важи и за патниците од високо ризични земји, каде има појава на новата варијанта на вирусот.
Укинувањето на епидемиолошките мерки во Белгија доаѓа по значајното подобрување на епидемиолошката состојба во земјата.
И во Словенија од денеска децата и вработените во училиштата нема да носат маски како резултат на подобрувањето на епидемиолошката состојба.
Како што наведуваат тамошните медиуми, најновата мерка, се однесува на градинки, основни и средни училишта, како и на универзитети. Во сите останати затворени, јавни простори, маски мора да се носат.
Словенија од 21 февруари почна постепено да ги укинува воведените мерки против корона вирусот, вклучувајќи го и задолжителното самотестирање во училиштата и ковид пропусниците. Ковид пропусници и понатаму се потребни за во здравствени установи, старечки домови и во затвори.
Големи олеснувања или укинувања на мерките за спречување на ширењето на Ковид -19 има во повеќе европски држави како Германија, Швајцарија, Данска, Холандија.
Според последните податоци, над 6 милиони луѓе починаа на глобално ниво од Ковид 19, додека пандемијата влегува во својата трета година. Според податоците од универзитетот Џон Хопкинс, бројот на починати до денеска изнесувал 6.000.097, што е повеќе од бројот на луѓе кои живеат во шпанскиот град Барселона.
Последните 1 милион смртни случаи се во претходните четири месеци додека земјите продолжуваат да се борат со заразната варијанта омикрон на коронавирусот.