Русија ја поддржува идејата на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, за трилатерален состанок со Украина за обезбедување на безбедноста на нуклеарните постројки таму за време на руската инвазија, но не и во Чернобил како што сака Гроси, изјави московскиот пратеник во таа организација.
„Русија ја поддржа идејата на Гроси за трилатерална средба, а очекуваме и Украинците да бидат кооперативни“, изјави за новинарите рускиот амбасадор во Меѓународната агенција за атомска енергија Михаил Улјанов.
„Верувам дека Чернобил не е најдоброто место за ваква средба. Во светот има бројни престолнини“, додаде тој, пренесува Ројтерс.
- Нема оштетување на безбедносните системи во нуклеарната централа Запорожје
- Зеленски - Нападот на нуклеарната централа е „терористички чин“
Русија ја зазема најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, во напад кој беше извршен оваа недела, а зградите на централата беа оштетени од гранатирање.
Украинскиот регулатор ги известил Обединетите нации дека успеал да одржи контакт со персоналот во електраната и дека два од шесте реактори се моментално во функција.
Останатите три нуклеарни централи во Украина работат безбедно, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН повикувајќи се на информации што ги добила од украинскиот регулатор.
Но, агенцијата предупредува дека на персоналот мора да му се дозволи да се одмори и да се менува во смени, за да можат луѓето безбедно да работат. Работниците во електраната Чернобил, која Русија го зазема минатата недела, наводно биле на терен 11 дена без да можат да бидат заменети.