Русија нареди прекин на огнот за да се спроведе евакуација на цивилите

илустрација

Руската војска соопшти дека утрово наредила прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили од украинскиот главен град Киев, како и од градовите Мариупол, Харков и Суми, откако обидите за евакуација на цивили од Мариупол не успеаја претходниот ден.

Но, рутите за евакуација што ги објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, покажуваат дека на луѓето ќе им биде дозволено да заминат само во Русија и Белорусија.

Украина го нарече потегот „целосно неморален“, а портпаролот на претседателот Володимир Зеленски рече дека на украинските граѓани треба да им се дозволи да ги напуштат своите домови преку украинска територија.

„Ова е целосно неморална приказна. Страдањето на луѓето се користи за да се создаде посакуваната телевизиска слика. Тоа се граѓани на Украина, тие треба да имаат право да се евакуираат на територијата на Украина“, рече портпаролот во писмената изјава до медиумите, обвинувајќи ја Русија дека намерно ги попречувала претходните обиди за евакуација.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека работна група ќе ја следи евакуацијата со беспилотни летала. Засега не е јасно колку долго ќе трае прекинот на огнот. Претходните договори за прекин на огнот не им дозволија на цивилите да избегаат.

Сепаратистите поддржани од Русија и украинските власти се обвинија меѓусебно дека не успеале да воспостават хуманитарен коридор од црноморскиот град Мариупол за илјадниците цивили кои се обиделе да побегнат од гранатирањето.

Преговарачите од Русија и Украина денеска треба да одржат трета рунда преговори, објави украинскиот преговарач Давид Арахамија на Фејсбук на 5 март. Двете страни се сретнаа двапати во Белорусија откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

Украинскиот Генералштаб денеска соопшти дека руските сили ја продолжиле офанзивата, отворајќи оган врз градот Миколаев, 480 километри јужно од Киев. Спасувачите соопштија дека гаснат пожари во станбени области предизвикани од ракетните напади.

Гранатирањето продолжи и во предградијата на Киев, вклучувајќи го и Ирпин, кој веќе три дена е исклучен од струја, вода и греење. Жителите се обидоа да побегнат од Ирпин и Буча, бидејќи беа погодени од воздушни напади.

„Русија продолжува да изведува ракетни, бомби и артилериски напади врз градовите и населбите во Украина. „Напаѓачите продолжуваат да ја користат мрежата на аеродроми во Белорусија за да извршат воздушни напади врз Украина,“соопшти Генералштабот на Украина.

Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Херашченко, рече дека планираните евакуации по назначените хуманитарни коридори на 6 март биле стопирани поради континуираното руско гранатирање.