Продолжува трендот на опаѓање на бројот на нови случаи на Ковид 19, како и на бројката на активни случаи, што во моментов изнесува 2.826, според официјалните податоци на здравствените власти.
Се очекува одлуката на Главниот координативен кризен штаб и Владата околу препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат вакциналните сертификати задолжителни за влез во моловите и за онаму каде што не е задолжително носење на маски.
Исто така, се препорачува да се укине мерката за задолжителен негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од државата, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
За заголемување на имунитетот на популацијата со цел натамошно олеснување на мерките, Комисијата за заразни болести почна кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи.
Претседателот на Комисијата Александар Петличковски неделава најави дека освен укинувањето на сертификатите за влез во трговските центри, во зависност од состојбата наскоро ќе има олабавување и на другите рестриктивни мерки.
„Пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар“, вели Петличковски.
Во последните 24 часа беа регистрирани 370 нови случаи на КОВИД-19 од направени 3.148 тестови, од кои 51 реинфекција. Починати се три лица, а уште седум се пријавени за починати согласно регистарот „Мој термин“, при што кај девет од починатите се регистрирани коморбидитети.
Досега во земјата се направени вкупно 1.904.443 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 299.419, бројот на оздравени пациенти е 287.518, а на починати е 9.075.