Лавров: Русија е подготвена за трета рунда преговори

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одржува брифинг со новинарите во Москва, каде рече дека Русија е подготвена за трета рунда разговори со Украина, тврдејќи дека Киев „измислува оправдувања“ за да го одложи состанокот.

„Засега не добивме нови датуми. Бевме подготвени, од вчера вечерта да ја спроведеме третата рунда“, рече Лавров. Тој додаде дека „оптимизмот“ за ситуацијата е пригушен со „гневите“ изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Инвазијата на Русија врз Украина продолжува и денеска. Украинската војска предупреди дека инвазивните руски сили се борат да го опколат Киев, како и вториот по големина источен град Харкив, а западните дипломати бараат мерки за запирање на конфликтот. Тие предупредија дека украинските цивили најверојатно ќе бидат под поинтензивен напад.

Двете страни денеска договорија прекин на огнот во градовите Мариупол и Волноваха за воспоставување на хуманитарни коридори, низ кои цивилите треба да ги напуштат градовите. Руските сили уверуваат дека воените дејствија се запрени, но во меѓувреме градските власти во Мариупол соопштија дека руската војска не го почитува прекинот на огнот.

Евакуацијата на цивилите од Мариупол е одложена, соопшти градскиот Совет на Мариупол.

Заменик-градоначалникот на Мариупол Сергеј Орлов за Би-Би-Си изјави дека Мариупол сѐ уште е под гранатирање, но и дека има информации дека борби се водат на крајот на рутата за евакуација.

Претходно, висок советник на украинската влада изјави дека ќе следат повеќе договори со кои ќе им се дозволи на цивилите да се евакуираат и од другите области.