Директор на киргистанска ТВ станица приведен поради извештај за војната во Украина

Илустрација.

Киргистанските власти го приведоа директорот на телевизискиот канал NEXT поради емитување на контроверзен извештај за наводен договор меѓу Киргистан и Русија за испраќање војници во Украина за да им помогнат на руските вооружени сили во инвазијата на Украина.

Адвокатот на директорот на телевизијата денеска за РСЕ изјави дека неговиот клиент е приведен во текот на ноќта и дека за ограничувањата пред судењето ќе се одлучи во рок од 48 часа.

На 3-ти март, Државниот комитет за национална безбедност соопшти дека покренал истрага против телевизискиот канал поради поттикнување меѓуетничка омраза.

Обвинението произлегува од неодамнешниот извештај на каналот кој го цитираше прогонетиот поранешен шеф на Комитетот за национална безбедност на соседен Казахстан, Алнур Мусаев, кој вели дека Киргистан и Таџикистан се согласиле да ја поддржат неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина со испраќање војници за помагање на Русија.

Сопственикот на телевизијата, Равшан Јеенбеков, го отфрли обвинението, инсистирајќи дека извештајот директно го цитирал Мусаев, а пренел и други мислења за ова прашање.

Киргистанското Министерство за надворешни работи го отфрли извештајот и ги повика локалните медиуми да го засноваат своето известување за тековната војна во Украина исклучиво на официјални владини изјави.