САД го поддржуваат Отворен Балкан и неговото проширување

Отворен Балкан

САД го поддржуваат „Отворен Балкан“ и регионалната економско-политичка соработка. Претставниците на стејт департментот на денешната средба со претставниците на „Отворен Балкан“ од Македонија, Албанија и Србија изразиле и силна и недвосмислена поддршка за европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан.

Од македонската Влада информираат дека на средбата било разговарано за важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги и САД уште еднаш ја потврдиле отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина.

Иницијативата „Отворен Балкан“ беше оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи.

„Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа беше истакнато за време на состанокот“, информираат од Владата.

Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија имаат средби и со претставници на Американскиот сенат, како и со претставници на американски меѓународни организации.