Нацевска: Нема причина за паника од девалвација на денарот

Македонски денари

Нема причина за паника од девалвација на денарот уверува вицегувернерката Емилија Нацевска. Банкарскиот сектор е стабилен и нема знаци на повлекување на депозитите во контекст на руско-украинската криза, напротив тие растат, изјави вицегувернерката.

„Причина за паника од девалвација на денарот, навистина нема. Ние располагаме со доволно ниво на девизни резерви за да го одбраниме курсот на денарот, како што тоа го правиме низ сите овие години наназад и како што и досега сме успеале успешно да ја одбраниме неговата вредност“, рече вицегувернерката Нацевска во емисијата „Утрински брифинг“.

Таа вели дека нема повлекување на заштедите од банките, туку напротив истите растат. Сепак додава дека секогаш ќе постои мала група на депоненти, кои при какви било кризни сигнали реагираат, но набргу по согледување на состојбите, дека курсот е стабилен, ги враќаат средствата во банкарскиот сектор.

Нацевска истакна дека директната трговска и финансиска поврзаност со Русија и Украина е многу мала и затоа директни ефекти врз нашата економија нема и не се очекуваат.

„За споредба, филијалата на „Сбербанка“ во Босна и Херцеговина налагаше да се преземат интензивни мерки од страна на босанските власти и веќе се преземаат мерки од страна на регулаторот. Истото е и во Словенија. Ние немаме таква ситуација, што е добро, бидејќи депонентите кои ги чуваат своите средства таму ќе беа загрижени и ќе имавме непријатна слика, како што е во тие држави“, посочи Нацевска.

Таа сепак нагласи дека има ризици од индиректните ефекти, кои доаѓаат од санкциите кои се преземаат од страна на Европската Унија и другите економски сили, како Соединетите Држави, Велика Британија, Канада, па дури и Швајцарија кон Русија, но и контрасанкциите од страна на Русија.