Милановиќ: ЕУ да ги почне преговорите со Скопје и Тирана кои со години ги малтретира

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Во ред е да се бара членство на Украина во ЕУ, но мора да се донесе и одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, а Босна и Херцеговина и Косово да добијат кандидатски статус, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

„Бев повикан да потпишам заедничка изјава со претседателите од Источна Европа, на Украина итно да и се даде статус кандидат за членство во ЕУ. Во ред, состојбата е вонредна и бев подготвен да потпишам, но под услов таков статус да им се даде и на БиХ и на Косово, кое некои членки се уште го немаат признаено. Барав исто така да се донесе одлука за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија кои Брисел ги малтретира со години. Тоа за нас е еднакво важно како и Украина,“ изјави Милановиќ.

Во врска со Србија и БиХ, хрватскиот претседател смета дека нивното место е на Запад и затоа нивните власти мора да решат дали ќе припаѓаат во ЕУ или Русија. Заканите за можна безбедносна дестабилизација на регионот, според него, не се добри и во моментов не се реални.

„Белград треба да реши каде припаѓа, дали во ЕУ или со Русија од сентиментални причини кои можам да ги разберам, но тоа не е практично. Не е време да се изживуваме врз Србија, туку да им кажеме дека сега е време да се одлучат, сега гори. Не мора да ги осудувате Русите. Тешко е, но разбирам. Ајде да видиме дали припаѓате на Запад или на Исток, сега е време за некои далекусежни пораки. Во овој момент не е продуктивно да се плашат луѓето сo никакви нови судири на Косово и во БиХ “, изјави Милановиќ.

Според хрватскиот претседател, војната во Украина би можела да се избегне ако Европа имала посилна улога и поактивна улога.